Иран сè уште некако преживува и останува во игра за нокаут-фазата на Светското првенство, но она низ кое поминува оваа репрезентација зад кулисите е вистинска спортска и политичка драма. По драматичното реми со Египет (1:1) и уште еден во низата контроверзно поништени голови преку ВАР, капитенот Мехди Тареми јавно ги нападна челниците на ФИФА и организаторите од САД, обвинувајќи ги за нехуман третман и отворен обид по секоја цена да го исфрлат Иран од турнирот.
Маките на Иранците почнаа уште минатата зима со воениот конфликт дома, поради кој домашното првенство беше прекинато, а голем дел од фудбалерите останаа без натпреварувачки ритам во нозете. Проблемите продолжија со визите, за на крајот да кулминираат со шокантна одлука на американските власти, кои им забранија постојан престој на нивна територија. Наместо во луксузен мундијалски камп во Америка, Иранците беа принудени својата база да ја сместат во мексиканскиот пограничен град Тихуана. Оттаму, тие двапати летаа за Лос Анџелес и еднаш за Сиетл само за да ги одиграат натпреварите, по што веднаш беа депортирани назад во Мексико затоа што Американците не сакаа да ги задржат на своја сопствена почва.
Ваквата брутална логистичка тортура предизвика огромен гнев кај првата ѕвезда на тимот, напаѓачот на Олимпијакос, Мехди Тареми. Тој по натпреварот со Египет отворено порача дека ова е катастрофално организирано Светско првенство и дека е невозможно професионални фудбалери да играат под вакви нефер услови. Тареми откри дека претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, лично дошол во нивната соблекувална по првиот меч со Нови Зеланд и ветил дека лично ќе ги реши сите проблеми со американските власти, но во реалноста светската куќа на фудбалот не мрднала со прст. На директното прашање дали смета дека ФИФА и САД намерно сакаат да го елиминираат Иран, искусниот шпиц одговори потврдно, нагласувајќи дека константното малтретирање по границите и имиграциските проверки пред секој меч се јасен доказ дека некој едноставно сака да ги избрка од Мундијалот.
И покрај тоа што Иранците досега немаат ниту една победа, тие со три нерешени резултати и херојски отпор сè уште се во игра за елиминациската рунда. Сепак, за нив образот и почитта се покажаа како поважни од бодовите. По напуштањето на Сиетл, иранската репрезентација објави емотивно писмо до светската јавност кое брзо стана вирално. Во него тие порачаа дека доаѓаат од земја со илјадагодишна историја која секогаш ја ставала честа пред победата. Иранците потенцираа дека бодовите на Светското првенство можат да се освојат на многу начини, но почитта и чистиот образ пред историјата не се купуваат, завршувајќи го своето обраќање со гордото: „ИРАН, секогаш со крената глава“.

