Игор Ангеловски го запиша првиот пораз откако ја презеде селекторската функција во Таџикистан. Неговата репрезентација загуби минимално со 0-1 од Азербејџан во пријателскиот натпревар одигран во Баку. Мечот беше решен со еден несреќен момент во второто полувреме. Во 58. минута, голманот на Таџикистан, Олег Баклов, не успеа да интервенира на вистински начин, па топката заврши во неговата мрежа за водство на домаќинот.
И покрај обидите на гостите да дојдат до израмнување, до крајот на натпреварот резултатот не се промени. Азербејџан ја сочува минималната предност и стигна до победа пред домашната публика. За Ангеловски ова беше трет натпревар на клупата на Таџикистан. Македонскиот стратег во првите две средби имаше позитивен биланс, со победа и реми против Индија, но сега првпат мораше да го прифати поразот.
Таџикистан, сепак, има уште две можности за нови резултати во актуелниот репрезентативен прозорец. Следниот натпревар го очекува на 28 септември против Палестина, додека на 6 октомври ќе гостува и кај Кина.

