Светската фудбалска федерација ги официјализираше конечните списоци на репрезентациите за претстојниот планетарен шампионат со што и формално се потврди дека ова ќе биде најмасовниот фудбалски собир во историјата. За првпат на едно Светско првенство ќе продефилираат дури 1.248 фудбалери кои ќе ги бранат боите на 48 различни национални тимови во рамките на програмата од 104 натпревари што ќе се одиграат низ САД, Канада и Мексико.
Меѓу пријавените актери се наоѓаат и легендарните мегаѕвезди Лионел Меси од Аргентина и Кристијано Роналдо од Португалија како и искусниот мексикански чувар на мрежата Гиљермо Очоа кои заедно испишуваат нова историја со своето рекордно шесто учество на Мундијалите. Анализата на светските медиуми открива дека 357 фудбалери веќе го почувствувале мундијалскиот дух на некој од претходните шампионати додека за дури 891 играч ова ќе претставува дебитантско појавување на најголемата фудбалска сцена. Овој шампионат носи и неверојатен генерациски јаз бидејќи разликата помеѓу најстариот и најмладиот регистриран фудбалер изнесува повеќе од дваесет и пет години.
Најискусен на турнирот е шкотскиот голман Крег Гордон со навршени 43 години и 162 дена додека епитетот на најмлад му припаѓа на мексиканскиот талент Хилберто Мора кој има само 17 години и 240 дена и е дел од групата од 22 фудбалери кои сè уште се тинејџери. Од друга страна седуммина ветерани на претстојниот турнир веќе ја имаат надминато границата од четириесет години. Проширениот формат на натпреварување исто така донесе голема радост за четири репрезентации кои за првпат ќе го почуствуваат вкусот на Светските првенства а тоа се селекциите на Зеленортска Република, Курасао, Јордан и Узбекистан.
Што се однесува до самите тимови регулативите на ФИФА се јасни и велат дека пријавените списоци во овој момент се сметаат за конечни а какви било принудни замени ќе бидат дозволени по исклучок само во случај на сериозна повреда или загрижувачка болест и тоа најдоцна до 24 часа пред почетокот на првиот натпревар на соодветната селекција со задолжително претходно одобрение од матичната куќа на фудбалот.

