Првиот ден без натпревари на Светското првенство донесе заслужен одмор за навивачите по речиси еден месец континуиран фудбал. Овој интензивен период од 11 јуни до 8 јули понуди сè што ја содржи вистинската магија на Мундијалот. Сведоци бевме на огромна драма, неочекувани сензации, раѓање на нови херои, но и на тажни заминувања на некои од најголемите фудбалски легенди.
Најсилните емоции на овој турнир ги одбележаа Кристијано Роналдо и Нејмар. Португалскиот ас уште еднаш го напушти теренот во солзи. Тој дефинитивно ја завршува својата мундијалска приказна без единствениот трофеј што му недостасуваше. Слична судбина доживеа и бразилската ѕвезда Нејмар, кој неутешно плачеше по шокантната елиминација од селекцијата на Норвешка. Покрај нив, од големата сцена со репрезентацијата тивко се збогуваше и Лука Модриќ. Искусниот играч за врска стави крај на една неверојатна ера во која ја предводеше Хрватска до самиот светски врв.
Овој шампионат јасно покажа дека реномето и традицијата веќе не гарантираат успех. Германија повторно целосно ги разочара своите навивачи и потврди дека го загуби препознатливиот победнички менталитет. Сличен болен дебакл доживеа и репрезентацијата на Турција, која ги спакува куферите уште по завршувањето на групната фаза.
Наспроти нив, селекцијата на Зеленортските Острови ги освои симпатиите на целата планета. Малата островска земја испиша незаборавна спортска приказна на овој турнир. Нивните фудбалери покажаа дека со огромно срце и силно заедништво може рамноправно да се парира на најскапите светски репрезентации.
Главните фаворити имаа сосема различен пат до пласманот меѓу најдобрите осум. Актуелниот светски првак Аргентина се соочи со огромни проблеми и едвај се провлече против незгодниот Египет. Тогаш пресуди капитенот Лионел Меси кој со својата магија во финишот донесе спас за тимот. Белгија, пак, покажа супериорна сила кога беше најпотребно. По почетните маки, „црвените ѓаволи“ убедливо ја демолираа селекцијата на САД со 4:1. Со оваа моќна партија тие испратија сериозна порака до сите преостанати ривали во четвртфиналето. Шпанија е единствената репрезентација која на овој Мундијал се уште ја нема извадено топката од сопствената мрежа ниту еднаш, Англија на крилјата на Хари Кејн и Џуд Белингам му го нанесе првиот пораз на Мексико на легандарната „Ацтека“, за ново четвртфинале.
Утре, со натпреварот меѓу Франција и Мароко, после еден ден пауза ќе продолжат возбудувањата на Мундијалот, во четвртфиналната фаза.

