Меѓународен фудбал Фудбал

Светскиот и европски шампион гостува на легендарниот „Вембли“

Легендарниот „Вембли“ вечерва ќе биде центар на европскиот фудбал, каде што репрезентацијата на Англија ја пречекува Шпанија во дербито на А-дивизијата во УЕФА Лигата на нации. Ова ќе биде прва пресметка меѓу двете селекции по тоа драматично финале на Европското првенство 2024 година, кога Шпанците славеа со 2-1 и го подигнаа пехарот, па „гордиот албион“ има мотив повеќе пред своите навивачи.

Англија влегува во новиот циклус со сè уште свежи лузни од Светското првенство 2026 година, каде што го освои третото место по полуфиналниот пораз од Аргентина со 2-1 и победата од 6-4 над Франција во борбата за бронзата. Селекторот Томас Тухел се соочи со жестоки критики за своите одлуки на Мундијалот, но го преживеа притисокот и пред дуелот со Шпанците отворено говореше за идентитетот на својот тим.

„Би сакал понекогаш да бидеме како Шпанија, макар на десет минути. Но, колку повеќе размислувам за тоа, толку повеќе верувам дека мора да ги прифатиме сопствените предности. Можеби треба да направам компромис со мојата желба за контрола, да прифатам малку повеќе хаос и едноставно да го прегрнам тој хаос на теренот.“

Од другата страна, „црвената фурија“ пристигнува во Лондон како официјален светски и европски шампион и водечка селекција на ФИФА ранг-листата. Избраниците на Луис де ла Фуенте, кои во мундијалското финале ја совладаа Аргентина со 1-0, немаат пораз уште од март 2024 година. И покрај доминацијата, шпанскиот предводник повикува на максимална претпазливост.

„Англија е фантастична репрезентација, исто толку добра колку и ние, и ова ќе биде огромен тест за нашиот тим. Ништо од тоа што досега сме постигнале нема да ни помогне да ја победиме Англија, мора да бидеме подобри од претходно.“

Двата тима влегуваат десеткувани. Тухел е без повредените Кол Палмер, Деклан Рајс, Маркус Рашфорд, Коби Маину и Тино Ливраменто, поради што дополнително беа повикани Морган Гибс-Вајт и Џејмс Гарнер. Кај Шпанците ги нема Жоан Гарсија и Педро Поро, додека Маркос Љоренте стави крај на репрезентативната кариера. Во стартниот состав се очекува Педри да добие предност пред Фабијан Руиз, додека Ламин Јамал и Нико Вилијамс одново ги заземаат крилните позиции.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.