Меѓународен фудбал Фудбал

„Светците“ ќе ја бранат титулата во Будимпешта!

Екипата на Париз Сен Жермен е вториот патник во големото финале на Лигата на шампионите, откако вечерва на „Алијанц Арената“ одигра тактички перфектен натпревар и со реми од 1:1 против Баерн Минхен го завери билетот за Будимпешта. Иако избраниците на Венсан Компани доминираат во нападот во текот на целата сезона, овојпат наидоа на „армиран бетон“ поставен од Луис Енрике, кој уште еднаш покажа зошто е мајстор за вакви нокаут пресметки.

Натпреварот започна со вистински шок за преполнетиот стадион во Минхен. Додека навивачите на Баерн сè уште ја собираа својата спектакуларна кореографија, Кварацхелија проби по левото крило и го пронајде Усман Дембеле, кој со прецизен удар го совлада Мануел Нојер во 3-та минута,за рано водство на гостите. Баварците се обидуваа да се вратат, а најсериозната шанса ја пропушти Мајкл Олисе во 16-та минута, кога неговиот обид беше блокиран во последен момент.

Сепак, натпреварот не помина без тензии и контроверзии. Германската публика и фудбалерите на Баерн жестоко протестираа кај судијата поради спорната ситуација во која Жоао Невеш играше со рака во сопствениот шеснаесетник. И покрај сомнежите дека тоа беше чист пенал за Баерн, свирчето остана немо, што предизвика револт кај домашниот тим кој сметаше дека е сериозно оштетен во клучните моменти од мечот.

Во вториот дел, ПСЖ свесно го умртви темпото, потпирајќи се на искуството и дисциплината во одбраната. Серијата одбрани на Сафонов и Нојер на двете страни ја држеа неизвесноста до самиот крај. Хари Кејн конечно успеа да ја затресе мрежата во 94-та минута за 1:1, но тој гол беше само слаба утеха за Баерн, бидејќи време за пресврт веќе немаше.

Актуелниот европски шампион со овој резултат избори шанса да го брани трофејот во Будимпешта, каде во големото финале ќе ги одмери силите против екипата на Арсенал. Фудбалска Европа со нетрпение го очекува дуелот на „Пушкаш Арената“, каде ПСЖ ќе се обиде да ја продолжи својата доминација на стариот континент.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.

Поврзани вести