Меѓународен фудбал Фудбал

Сведоштво за повредениот навивач во Норвешка: Стоевме и скокавме, а потоа подот се урна!

Натпреварот меѓу Тромзo и Бодо Глимт беше привремено прекинат непосредно пред крајот на првото полувреме по сериозен инцидент на трибината наменета за гостинските навивачи. Дел од конструкцијата попушти додека приврзаниците на Бодо Глимт скокаа и навиваа, при што неколку лица пропаднаа низ отворот. Во инцидентот, според првичните информации, биле опфатени до пет навивачи, а еден од нив морал да биде пренесен во болница.

Сведок на случувањата била навивачката на гостинскиот тим Андрине Моен, која за норвешкиот весник „Верденс Ганг“ го опиша моментот на несреќата. Таа раскажа дека навивачите стоеле и скокале во ритамот на песните, кога одеднаш подот попуштил и се урнал редот пред нив. Според нејзиното сведоштво, најмалку две лица пропаднале низ отворот, иако во тие моменти не било познато колкумина точно биле погодени и од каква височина паднале.

Портпаролот на Бодо Глимт, Симен Педерсен, подоцна потврди дека до пет лица пропаднале низ оштетениот дел од трибината, а еден навивач бил хоспитализиран. За сериозноста на повредите сведочеше и Магнус Стовер, чиј брат Сигурд бил меѓу повредените.

„Мојот брат сега е во болница и е под лекарски надзор. Има скршеница на задниот дел од ребрата, чувствува силни болки и беше многу исплашен“, изјави Стовер.

Од Тромзo упатија извинување поради инцидентот, а претставници на клубот го посетиле повредениот навивач во болницата. По прекинот и интервенцијата на надлежните служби, натпреварот продолжи, а Бодо Глимт на крајот славеше со 2:0. Сепак, резултатот остана во втор план поради сериозниот безбедносен инцидент и повредите на гостинските навивачи.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.