По повеќе од две децении доминација под обрачите, 18 сезони во НБА лигата и статус на еден од најдоминантните центри на 21-от век, кошаркарската ера на Двајт Хауард ја доби својата завршна епизода. Легендарниот американски кошаркар, познат по прекарот „Супермен“, на 40-годишна возраст официјално стави крај на својата професионална кариера. Неговиот последен кошаркарски танц траеше само два натпревари во редовите на грузискиот клуб Блек Фортрес од Тбилиси, кој и официјално ја потврди веста за неговото пензионирање.
Престојот на Хауард во Грузија беше кус и заврши со два порази за неговиот тим. На своето деби против Ивериони од Гори, искусниот центар за само 17 минути на паркетот запиша 12 поени, седум скока и три блокади (пораз од 75:70), додека на последниот професионален меч против Универзитетот од Тбилиси забележа 10 поени, четири скока и две блокади за 19 минути игра во поразот од 89:82.
Американскиот џин влезе во елитата како прв пик на НБА драфтот во 2004 година, кога беше избран од Орландо Меџик. Командувајќи со рекетот на Флорида, ги одигра своите најдобри години и во 2009 година го предводеше Орландо до големото НБА финале против Лос Анџелес Лејкерс. Во периодот од 2009 до 2011 година, Хауард беше апсолутен дефанзивен владетел, освојувајќи ја наградата за најдобар дефанзивец во НБА трипати по ред. Својот шампионски прстен конечно го стави на раката во 2020 година, кога како член на Лејкерс ја освои својата единствена НБА титула.

