Македонскиот ракометен шампион Вардар 1961 и финалистот на националниот Куп, ГРК Охрид, вечерва во Гевгелија го отвораат официјалниот дел од новата сезона 2026/27, борејќи се за првиот трофеј, Суперкупот на Македонија.
Ова ќе биде трета меѓусебна пресметка за овие две екипи во подготвителниот период, откако ги одмерија силите во финалните мечеви на летните турнири во Струга и Охрид. На двата контролни турнири како победници излегоа охриѓани, но за разлика од тие дуели, вечерва влогот е значително поголем, а мечот служи и како последна контрола пред стартот на Суперлигата и европските предизвици.
Во досегашните осум изданија на ракометниот Суперкуп, Вардар е најуспешен со четири освоени титули. Еурофарм Пелистер има три трофеи во своите витрини, додека Алкалоид еднаш го подигна овој пехар.
Натпреварот меѓу Вардар и ГРК Охрид се игра вечерва во спортската сала „26 Април“ во Гевгелија со почеток од 19:00 часот.

