Елиминациската фаза на Светското првенство во САД, Канада и Мексико брзо се загрева, а вечерва Хјустон ја крие тајната за патникот во осминафиналето од овој исклучително привлечен дуел. Силите ќе ги одмерат петкратниот планетарен првак Бразил и селекцијата на Јапонија, која воедно остана и последниот фудбалски „Мохиканец“ од Азија на овој Мундијал. „Кариоките“ како вечити фаворити добро знаат како се играат вакви големи натпревари каде што притисокот е огромен, а квалитетот и формата на овој турнир дефинитивно ја префрлаат улогата на фаворит на нивна страна од вагата.
Избраниците на италијанскиот фудбалски маг Карло Анчелоти по малку непријатно изненадија со почетното реми против Мароко, но потоа експресно демонстрираа сила против Хаити и Шкотска. Најголемата добивка за нив е што Нејмар конечно е целосно опоравен и со полн капацитет му се стави на располагање на стручниот штаб. Анчелоти пред натпреварот истакна дека максимално ја почитуваат Јапонија бидејќи станува збор за организиран и дисциплиниран тим кој игра со многу самодоверба. Сепак, искусниот стратег јасно порача дека почитта и стравот се две сосем различни работи, и дека неговиот состав има свој препознатлив идентитет, карактер и амбиција да се надигрува на највисоко ниво без разлика на името на противникот.
Од друга страна, Јапонците немаат намера предвреме да го развијат белото знаме во Тексас. На патот до елиминациите, тимот на Хаџиме Моријасу го совлада Тунис и ремизираше со Холандија и Шведска, потврдувајќи дека нивната фанатична борбеност и тактика можат да бидат сериозна стапица за секој гигант, исто како што во минатото тоа на своја кожа го почувствуваа Холандија, Шпанија, Англија и Германија. Селекторот Моријасу е со балансиран став, па помеѓу воодушевувањето од противникот гледа и реална шанса за изненадување. Тој потенцираше дека во минатото Јапонија можеби била лесен плен за Бразилците, но по последните меѓусебни дуели јасно е дека „кариоките“ веќе не гледаат на нив со потценување. Јапонскиот кормилар призна дека Бразил го има еден од најдобрите состави на светот, но заклучи дека на големите натпреварувања никогаш не се знае каков расплет ќе донесат 90-те минути, па затоа неговите момци се максимално подготвени да фрлат сè на една карта и храбро да го предизвикаат големиот фаворит.

