Кошаркарите на Струмица 2001 ја забележаа првата победа во новата сезона на МТЕЛ Суперлигата. Во вториот обид, на домашен терен во салата „Парк“, струмичани го совладаа Пелистер со 84:69, по натпревар исполнет со големи резултатски промени и драматична завршница. Битолчани подобро го отворија мечот и во првите шест минути поведоа со 19:8. Сепак, домаќините брзо ја намалија негативата, па по првата четвртина Пелистер имаше само четири поени предност (21:17).
Во втората четвртина Струмица 2001 ја презеде иницијативата. По тројката на Саити, домашниот состав поведе со 25:24, а потоа продолжи да ја зголемува предноста, која во еден момент достигна и 16 поени (40:24).
На паузата струмичани заминаа со водство од 43:30.
Домаќините ја продолжија добрата игра и на почетокот од второто полувреме, кога во 23. минута стигнаа до највисоките дотогаш плус 19 (50:31). Но, Пелистер не се предаде. Гостите постепено ја топеа негативата и до крајот на третата четвртина се доближија на само седум поени (58:51).
Притисокот на битолчани продолжи и во последниот период. Пелистер неколкупати се доближи на само еден поен негатива, последен пат при резултат 68:67, нешто повеќе од две минути пред крајот. Сепак, во решавачките моменти домаќините одиграа одлично, додека гостите не успеаја да го искористат моментот за целосен пресврт.
По неискористеното слободно фрлање на Благој Димитриев за израмнување, Струмица 2001 направи неверојатна серија од 16:2 и ја претвори неизвесната завршница во убедлива победа од 84:69. Малик и Крафорд беа најефикасни во победничкиот состав со по 21 поен, додека Д. Пандев придонесе со 19 поени.
Во редовите на Пелистер, кој по две одиграни кола има биланс од една победа и еден пораз, Благој Димитриев заврши со 18 поени и девет скока. Савиќевиќ постигна 11 поени, со три асистенции и два скока, додека Вилсон запиша 10 поени, осум скока и шест асистенции.

