Воводниот натпревар од 10. коло во Првата македонска фудбалска лига носи исклучително интересна пресметка на стадионот во Чаир, каде што екипата на Шкендија Арачиново ќе ги одмери силите со Струга Трим Лум.
Стружани влегуваат во овој дуел под притисок за рехабилитација по неочекуваниот пораз од Башкими во минатото коло. Еден од искусните адути на тимот, Бесмир Бојку, истакна дека последниот неуспех бил сфатен исклучително сериозно во нивниот табор.
„Очекуваме тежок натпревар, бидејќи Шкендија Арачиново е квалитетен противник, а играме и на гостински терен. Сепак, ќе влеземе подготвени и максимално мотивирани. Поразот од Башкими ни послужи како лекција и свесни сме дека мора да реагираме. Имаме екипа со карактер и квалитет, затоа ќе го дадеме максимумот за да покажеме поинакво лице на теренот“, порача Бојку.
Од друга страна, новиот прволигаш Шкендија Арачиново дочекува уште еден фаворит со голема самодоверба по извојуваното реми против тетовска Шкендија. Плејмејкерот Мартин Тодоров ги изнесе своите импресии пред овој голем предизвик.
„Пред сè, сакам да истакнам дека имаме голем респект кон тимот на Струга. Станува збор за сериозен и добро организиран противник. За нас најважна е нашата игра, да бидеме дисциплинирани, концентрирани и борбени од првата до последната минута. Верувам дека доколку ги исполниме договорените задачи, можеме да се надеваме на позитивен резултат“, истакна Тодоров.
Иако Струга Трим Лум славеше со убедливи 3:0 на единствениот меѓусебен прволигашки дуел досега, моменталната форма и мотивот на двата тима најавуваат исклучително неизвесен и борбен натпревар на Чаир.
Натпреварот е закажан со почеток во 12:00 часот, а правдата на теренот ќе ја дели главниот судија Влатко Илиоски.

