Екипата на Струга Трим Лум отиде на репрезентативна пауза со вистинска демострација на сила во Првата македонска фудбалска лига, демолирајќи го составот на Арсими со убедливи 6:0 во меч што донесе права голеада во второто полувреме.
Иако првиот дел помина без погодоци, најмногу благодарение на одличните одбрани на голманот Силјановски и поништениот гол на Бојку поради офсајд по ВАР-интервенција, продолжението донесе целосен дебакл за гостите од Чегране. Мрежата на Арсими првпат се затресе во 57-мата минута кога Марјан Радески испрати проектил од далечина, а дождливиот терен му направи проблем на Силјановски на кој топката му се лизна од раце за 1:0.
Работите тргнаа од лошо кон полошо за гостите кога Мислими заработи директен црвен картон, по што следуваше незапирлива канонада на стружани. Радески во 66-тата минута со глава зголеми на 2:0, Алтин Алији во 69-тата донесе убедливи 3:0, за веќе во 75-тата минута Радески да го комплетира својот хет-трик за 4:0. Иако струшкиот стручен штаб повлече дел од носителите, ритамот не се намали, резервистот Флоријан Рочи и капитенот Буњамин Шабани во завршницата го докрајчија противникот за виски 6:0.
Во следното првенствено коло по паузата, Струга Трим Лум гостува кај тимот на Башкими, додека Арсими на домашен терен ќе бара рехабилитација против Силекс.

