Српскиот ММА борец Дарко Стошиќ по третпат во последните две години ќе се бори за шампионскиот појас во тешка категорија, а негов противник на настанот во Загреб, закажан за 12 септември, ќе биде актуелниот првак на ФНЦ, Иранецот Хатеф Моил.
Овој дуел е реванш на нивниот прв меѓусебен судир од пред 11 години, кога Стошиќ го нокаутираше Моил и му го нанесе првиот пораз во кариерата. Иако Иранецот од тогаш е во серија од дури осум години без пораз и ги освои појасите во Октагон и ФНЦ, српскиот тешкаш верува во своите квалитети и тактичка подготовка.
„Таа победа беше одамна и денес сме поинакви борци, но знам што треба да направам. Предноста ја гледам во мојата удирачка моќ и одличната одбрана од соборувања. Сметам дека имам вистинско решение за неговиот стил на борба“, истакна Стошиќ, кој подготовките ги одработува во загрепскиот „American Top Team“.
За српскиот борец, претстојниот меч претставува можност за крунисување на целата негова кариера и сите поднесени жртви.
„Дојде време конечно да го добијам тоа што го заслужувам – признание за целиот труд и сите години мака. Појасот го гледам како момент на вечност за кој со години го давав своето здравје. Доколку ги дадам моите 110 проценти во октагонот, сигурен сум во победата“, порача Стошиќ пред саботниот спектакл во Загреб Арена.

