Боречки спортови Други спортови

Стошиќ по освојувањето на ФНЦ тронот: Судбината дели чудни карти, шампион е оној што никогаш не се предава!

По три неуспешни обиди во последните неколку години, Дарко Стошиќ конечно дочека да го подигне шампионскиот појас во тешка категорија на ФНЦ. Во загребачката „Арена“, српскиот нокаутер ја прекина осумгодишната непоразена серија на Хатеф Моил, со што по цела деценија пауза повторно се закити со шампионски статус. На прес-конференцијата по мечот, Стошиќ емотивно се осврна на трнливиот пат до врвот, личните жртви и тактиката што го сруши германскиот гигант.

„Сè во животот се случува со причина и во вистинско време. Ако не успеав претходните три пати кога напаѓав титула, веројатно имало зошто. Ова беше моја вечер, вистински противник и вистинскиот јас. Моил немаше пораз осум години, врза 13 победи во низа и тоа ми беше најголема мотивација. Знаев дека е цврст, па наместо да кружам со крошеа, влегував со аперкати одвнатре, користев колена и го менував гардот за да му ја разбијам концепцијата“, истакна Стошиќ, објаснувајќи го тактичкиот план по рунди:

„Првите две рунди ги добив, а третата свесно му ја препуштив бидејќи бев доста истрошен. Во аголот ми рекоа дека мора да ја земам четвртата за да станам шампион, па дадов сè од себе, а во петтата работите сами се наместија. Неговата расечена аркада крвавеше, тоа му сметаше и на крајот одработивме искусна, паметна борба“.

За новиот шампион оваа победа има посебна тежина бидејќи зад себе остави шест месеци одвоеност од домот и семејството, поминати во напорни тренинг-кампови.

„Ова е навистина крваво заработен леб. Шампион е оној кој нема да се предаде. Ова е суров спорт, кога некој ќе те совлада, или ќе се издигнеш, ќе продолжиш понатаму и ќе го дочекаш својот момент, или ќе останеш да лежиш и да кукаш над судбината. Со мојот пример сакам да ги мотивирам моите деца дека без оглед на сè, никогаш не треба да останат на дното. Животот дели чудни карти. По нашата прва борба тој нанижа 13 победи, за по десет години повторно да се сретнеме за појасот. Едноставно, тоа беше судбина“, заклучи Стошиќ.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.