Боречки спортови Други спортови

Стошиќ го прекина деценискиот пост и го освои тронот на ФНЦ, Фабјан го шокираше Загреб!

Српскиот тешкаш Дарко Стошиќ го дочека својот момент на слава на ФНЦ 33 спектаклот во Загреб, откако по пет исцрпувачки рунди и со едногласна одлука на судиите го совлада досегашниот шампион Хатеф Моил. Со овој триумф Стошиќ не само што дојде до шампионскиот појас во тешка категорија по повеќе од десет години чекање, туку ja прекина и грандиозната низа на иранскиот борец од 13 последователни победи која траеше цели осум години.

Борбата донесе жестока војна во октагонот. Стошиќ го отвори ривалот, нанесе сериозна штета со прецизни крошеа и жестоки ниски удари, но Моил уште еднаш покажа неверојатна издржливост. Шампионот го имаше својот најдобар момент во третата рунда, кога со префрлање на тежината го урна Стошиќ и со разорни удари од партер се обиде да го заврши мечот. Сепак, српскиот борец ги издржа сите налети, а во одлучувачката петта рунда, кога двајцата борци беа на работ на исцрпеност, ги зададе клучните чисти удари во стоечки став кои на крајот го убедија судиското трио.

Миран Фабјан ја шокираше „Арена Загреб“. Словенечкиот ветеран приреди сензација на вечерта откако уште во првата рунда го нокаутираше поранешниот УФЦ борец Иван Ерслан. Фабјан од самиот почеток наметна пеколен ритам, најде дупка во блокот на домашниот фаворит и со жестока серија го прати на под за експресен триумф со технички нокаут.

Џани Барбир беше експресен против Штрус. Иако ден претходно го загуби појасот во средна категорија на вагата поради еден килограм повеќе, хрватскиот борец го нокаутираше Пјотр Штрус уште во првата рунда. Појасот сепак останува без сопственик до следната борба за титулата.

Триумф и за Франциско „Кроата“ Барио. Аргентинско-хрватскиот борец славеше со одлука на судиите против Фабијано Силва, откако успешно го преживеа опасниот налет на Бразилецот во третата рунда и го приведе мечот во своја корист.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.