Последното коло во шпанската фудбалска елита понуди вистински ролеркостер од емоции. Завесата на сезоната се спушти со големи пресврти на гигантите, но и со навивачки солзи кај клубовите кои до вчера пишуваа фудбалски бајки.
Македонскиот репрезентативец Столе Димитриевски имаше уште една вечер за паметење, откако со Валенсија славеше над шампионот Барселона со 3-1. Димитриевски блесна со клучни одбрани, па иако Левандовски прв погоди за Каталонците во 61′ минута, домаќините направија експресен пресврт преку Гуера и Риоха, а Родригез во финишот ги постави конечните 3-1. И покрај високата победа Валенсија остана без Конференциската лига бидејќи Хетафе со 1-0 ја совлада Осасуна и го одбрани своето европско место.

