Фудбалскиот пазар во Европа се загрева, а македонските интернационалци повторно се во фокусот на европските гиганти. Спектакуларните партии на нашиот репрезентативен чувар на мрежата во Ла Лига не поминаа незабележано, па неговото име веќе стана главна трансфер-тема во Франција и Шпанија.
Столе Димитриевски претстојново лето би можел да направи трансфер на кариерата, со оглед на тоа што за неговите услуги сериозно е заинтересиран Олимпик Марсеј. Француските медиуми откриваат дека клубот од „Велодром“ го гледа како идеална замена за Аргентинецот Џеронимо Рули, кој си заминува од тимот, и веќе подготвува сериозна сума за негов ангажман.
Сепак, Валенсија нема лесно да го пушти својот најдобар поединец. Брилијантните одбрани на Димитриевски ги натераа челниците на шпанскиот клуб веднаш да реагираат и да му понудат нов договор со важност до летото 2028 година. Борбата за потписот на македонскиот голман дефинитивно ќе биде една од најинтересните приказни претстојново лето.

