Еден од најдобрите кошаркари и без конкуренција најдобриот шутер во историјата, Стеф Кари, доби признание какво што НБА лигата досега не помни. Раководството на кошаркарската Куќа на славните во Спрингфилд донесе одлука да му посвети постојана мултимедијална изложба, со што ѕвездата на Голден Стејт доби свое место меѓу бесмртните уште додека активно настапува на паркетот.
Свеченото отворање на изложбата е закажано за 24 јули, а посетителите ќе можат да ги видат најважните реквизити, дресови и трофеи од кариерата на Кари, со посебен акцент врз револуцијата што ја направи со шутот за три поени. Претседателот на Куќата на славните, Џон Долева, истакна дека Кари од корен го промени начинот на кој се игра кошарката ширум светот, но и дека со своето однесување надвор од теренот постави високи стандарди за сите идни генерации.
Искусниот плејмејкер не ги криеше емоциите по повод ова признание, истакнувајќи дека ова за него претставува една од најголемите почести во животот. Кари наскоро влегува во својата 18-та НБА сезона, а зад себе веќе има четири шампионски прстени, две МВП признанија за најкорисен играч во лигата и апсолутен рекорд по бројот на постигнати тројки.
Досега само двајца активни кошаркари имаа добиено каква било почест од Куќата на славните, Леброн Џејмс и Крис Пол, но нивниот влез беше исклучиво колективен, како дел од легендарната олимписка репрезентација на САД од 2008 година. Со оваа одлука, Стеф Кари стана првиот кошаркар во историјата на кого му е оддадено вака големо индивидуално признание уште пред да ја заврши професионалната кариера.

