Стеф Кари продолжува да ги поместува границите во НБА лигата, поставувајќи нов историски рекорд при демолирањето на Њу Орлеанс Пеликанс. Голден Стејт Вориорс славеше со неверојатни 51 поен разлика, а според статистичкиот сервис „OptaSTATS“, за Кари ова беше 17-ти натпревар во кариерата во кој неговиот тим победил со најмалку 40 поени предност, постигнување со кое ниту еден друг кошаркар во историјата на лигата не може да се пофали.
За новиот историски подвиг на најдобриот тројкаш му беа потребни само 20 минути и 48 секунди на паркетот, за кои успеа да запише 25 поени, 5 скока и 2 асистенции, погодувајќи четири тројки од седум обиди. Со овој поентерски учинок, Кари стигна до вкупно 26.803 поени во кариерата, престигнувајќи го Демар Дерозан на 16-то место на вечната листа на најдобри стрелци.
Триумфот над Њу Орлеанс беше осми последователен за Голден Стејт, со што тимот стигна до скор 8-3 по почетниот слаб старт. Со ова, „воините“ станаа првата екипа во историјата на НБА што ја отворила сезоната со три порази, а потоа нанижала осум победи по ред. На целата оваа доминација се надоврзува и неодамнешниот рекорд против Орландо, каде што 38-годишниот Кари со 41 поен стигна до својот 16-ти меч со 40+ поени откако наполни 35 години, надминувајќи го Леброн Џејмс (15).

