Кошарка Меѓународна кошарка

Стеф Кари подготвен за нов максимален договор со Голден Стејт

Стеф Кари нема намера да ги менува клупските бои во завршницата од кариерата. Најдобриот шутер во историјата на кошарката влезе во последната година од актуелниот договор со Голден Стејт Вориорс, но порачува дека меѓу него и франшизата нема никаква дилема околу заедничката иднина.

„Нема никаков сомнеж дека сакам да останам овде до крајот на кариерата и прилично сум сигурен дека тоа и ќе се случи“, изјави четирикратниот НБА-шампион.

Кари стекна право да стави потпис на ново двегодишно максимално продолжување на соработката вредно 136,7 милиони долари. Подолг договор во овој момент не е можен поради правилото во НБА со кое се ограничува времетраењето на договорите за играчи постари од 38 години. Доколку ја потпише оваа соработка, тој би останал во Сан Франциско до летото 2029 година, кога ќе има 41 година.

Иако конечниот договор ги чека последните детали, легендарниот плејмејкер нагласи дека преговорите нема да влијаат врз фокусот и подготовките за новата натпреварувачка година. Вориорс во новата сезона влегуваат со амбициозен состав во кој покрај Кари и Дрејмонд Грин се наоѓаат и Џими Батлер и Кристапс Порзингис, но дострелот на екипата и понатаму во најголема мера ќе зависи од здравјето на нивниот предводник.

Двократниот МВП-играч е дел од Голден Стејт од 2009 година и во текот на целата кариера го носеше исклучиво тој дрес, израснувајќи во најголемата фигура во историјата на оваа франшиза.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.