Шпанскиот фудбалски шампионат го означува стартот на новата сезона, која носи драматични промени, враќање на познати елитни имиња и спектакуларна битка за врвот. Сите очи во Шпанија се вперени кон Жозе Мурињо, кој по 13 години повторно седна на клупата на Реал Мадрид. По две сушни сезони, „Специјалниот“ има јасна задача, да ја врати титулата на „Сантијаго Бернабе“. Мадриѓаните летово направија сериозна реконструкција носејќи ги Бернардо Силва, Марк Кукуреља, Дензел Дамфрис, Ибрахима Конате и Јан Диоманде, додека договорот со Винисиус Жуниор беше експресно продолжен.
Главниот ривал Барселона влегува во првенството со амбиција да ја одбрани круната и да стигне до третата последователна титула, подвиг што на „Камп Ноу“ не е виден уште од ерата на Пеп Гвардиола. Ханси Флик ја продолжи соработката со клубот и продолжува да гради тим околу Ламин Јамал, иако Каталонците може да останат без Феран Торес, за кого има сериозен интерес од ПСЖ.
Сериозни претенденти за висок пласман се и Атлетико Мадрид и Бетис. Диего Симеоне го презеде целиот притисок врз себе барајќи трофеј од својот тим кој го задржа Хулијан Алварез, но ќе мора да игра без Антоан Гризман. Од друга страна, Бетис под водство на Мануел Пелегрини по две децении се враќа во елитното друштво во Лигата на шампионите, додека Виљареал влегува во новата ера предводен од Ињиго Перез.
Интересно е што главните фаворити ќе ги одиграат своите први натпревари нешто подоцна, бидејќи Ла Лига им овозможи дополнителен одмор на фудбалерите кои настапуваа на Светското првенство. Вниманието ќе биде насочено и кон судиите, кои ќе ги применуваат новите ригорозни правила за спречување на трошењето време. Првите возбудувања стартуваат во сабота навечер со дуелите Алавес – Хетафе и Севиља – Рајо Ваљекано.

