Македонската машка одбојкарска репрезентација денеска го отвора новото поглавје на европската сцена. „Црвено-жолтите“ по четврти пат последователно ќе бидат дел од најголемиот континентален репрезентативен собир, а првата задача веднаш носи сериозен предизвик. На спротивната страна ќе биде домаќинот на групата, селекцијата на Бугарија, пред своите навивачи во Софија.
Избраниците на Јошко Миленкоски се сместени во групата Б, во која покрај Бугарија ќе се соочат и со Украина, Полска, Португалија и Израел. Македонскиот состав го очекува исклучително динамичен период, бидејќи во само осум дена ќе одигра пет натпревари во групната фаза.
Европската авантура започнува денеска од 18:00 часот со дуелот против Бугарија. По отворањето на шампионатот, Македонија ќе има еден ден одмор пред вториот натпревар, а на 11 септември од 15:00 часот ќе се соочи со Украина.
Следниот голем предизвик ќе биде Полска, против која Македонија ќе игра на 13 септември од 18:00 часот. Два дена подоцна следува дуелот со Португалија, додека групната фаза ќе биде затворена на 16 септември со натпреварот против Израел.
Распоред на Македонија:
9 септември, 18:00 часот
Бугарија – Македонија
11 септември, 15:00 часот
Украина – Македонија
13 септември, 18:00 часот
Македонија – Полска
15 септември, 15:00 часот
Македонија – Португалија
16 септември, 15:00 часот
Израел – Македонија
Сите натпревари од групата Б ќе се одиграат во „Арена 8888“ во Софија. За македонската репрезентација ова е уште една потврда на континуитетот на големата европска сцена, а првата можност за нов успех ќе ја има веќе денеска против амбициозниот домаќин.

