Македонската ракометна репрезентација вечерва од 19:00 часот во СЦ „Борис Трајковски“ го прави првиот чекор во трката за пласман на Европското првенство во 2028 година, кое ќе се одржи во Шпанија, Португалија и Швајцарија. Избраниците на Кирил Лазаров ја пречекуваат селекцијата на Луксембург во рамките на квалификациската група 8, каде што императив е победнички старт на новиот циклус.
Нашите ракометари ја имаат апсолутната фаворитска улога против противникот од кого досега немаат претрпено ниту еден пораз. Македонија има максимален биланс од шест победи во исто толку меѓусебни пресметки, но во националниот табор владее максимална претпазливост, имајќи предвид дека последната победа во април 2023 година беше и најтесна (28:23).
Најголема новост во составот на Лазаров е репрезентативното деби на Украинскиот лев бек Дмитро Горига од редовите на ПИК Сегед, кој треба да донесе дополнителна физичка сила и шутерска моќ надвор од деветте метри. Главниот товар во организацијата на играта ќе го носат капитенот Филип Кузмановски, Марко Митев, Мартин Серафимов и Мартин Велковски. Меѓу позабележителните отсуства на овој собир е она на искусниот пикер Жарко Пешевски, додека чуварот на мрежата Никола Митревски се наоѓа меѓу резервните ракометари.
Освен Луксембург, ривали во групата се уште и селекциите на Шведска и Грција. Со оглед на тоа што билетот за шампионатот го обезбедуваат првопласираните и второпласираните репрезентации, како и четирите најдобри третопласирани од сите групи, за Македонија е од клучно значење да обезбеди сигурни бодови на домашен терен пред тешкото неделно гостување кај репрезентацијата на Грција.

