Фудбалската федерација на Саудиска Арабија покажа нулта толеранција за скандалозното однесување на трибините, изрекувајќи драконска санкција за екипата на Ал Тавон. Клубот ќе мора да одигра два првенствени натпревари без присуство на публика и дополнително да плати парична казна од околу 30.000 долари, откако група нејзини навивачи ја премина секоја граница на спортската етика и човечноста.
Срамниот инцидент се случи за време на пресметката против Ал Хилал. При еден изведен корнер, дел од домашните фанови започнаа морбидно да го скандираат името на Диого Жота, португалскиот фудбалер кој минатата година трагично го загуби животот во сообраќајна несреќа. Целта на овој низок потег беше да се испровоцира противничкиот играч Рубен Невеш, за кого целата фудбалска јавност знае дека беше еден од најблиските пријатели и долгогодишен репрезентативен соиграч на починатиот Жота.
Португалскиот интернационалец на подлоста од трибините одговори со ироничен аплауз, по што со поглед и со раката подигната кон небото му оддаде уште една почит на својот трагично заминат пријател.
Саудиските фудбалски власти не останаа неми на овој испад. Дисциплинската комисија донесе експресна одлука за колективна одговорност, испраќајќи јасна порака до сите клубови во лигата дека морбидните провокации и навреди врз личната трагедија на фудбалерите нема да се толерираат на стадионите.

