Завесата на уште една возбудлива европска фудбалска сезона вечерва се спушта со спектакуларното финале во Лигата на шампионите. За највредниот клупски трофеј на Стариот континент на стадионот во Будимпешта ќе се пресметаат гигантите ПСЖ и Арсенал.
Францускиот шампион влегува во овој дуел со огромна желба уште еднаш да ја потврди својата доминација на европската сцена. Најсилното оружје на Луис Енрике ќе биде застрашувачкиот напад предводен од брзите и креативни Кварацхелија, Дембеле и Дуе. Шпанскиот стратег потврди дека сите досега повредени фудбалери се целосно заздравени и максимално подготвени за најголемиот предизвик.
Од друга страна, Арсенал ја гледа оваа историска шанса конечно да стигне до толку посакуваната престижна европска круна. Избраниците на Микел Артета до финалето стигнаа благодарение на беспрекорната организација и една од најцврстите дефанзивни линии. Шпанскиот менаџер нагласи дека неговиот тим максимално го почитува противникот, но верува во победа и освојување на пехарот.
Овој натпревар нема да биде само обичен судир меѓу најдобриот напад и најцврстата одбрана на Стариот континент. Ова ќе биде директна пресметка на два различни системи кои преку различна фудбалска филозофија ја бркаат истата цел. Големото финале во Будимпешта започнува во 18:00 часот и ветува незаборавно фудбалско доживување за сите фанови.

