Тениската легенда Серена Вилијамс подготвува сензационално враќање на терените по повеќе од три години пауза. Освојувачката на 23 Грен Слем титули доби специјална покана (вајлд-карта) за настап во двојки на претстојниот „HSBC шампионат“ во Квинс Клаб, што ќе биде нејзино прво појавување по УС Опен во 2022 година. Името на нејзината партнерка ќе биде објавено дополнително.
„Квинс Клаб е совршено место за почеток на ова ново поглавје. Возбудена сум што повторно ќе се натпреварувам на трева, каде што ги доживеав најважните моменти во кариерата“, изјави Вилијамс.
Иако во 2022 година најави „еволуција“ надвор од спортот, посветувајќи му се на семејството, двете ќерки и успешните бизнис потфати, желбата за игра кај 44-годишната Серена очигледно не згаснала. Голема инспирација за овој чекор е и нејзината постара сестра Венус, која сè уште активно се натпреварува во петтата деценија од животот.
Шпекулациите за камбекот се потврдија откако Серена повторно влезе во меѓународниот антидопинг систем, каде што по шестмесечни проверки, официјално доби дозвола за настап кон крајот на февруари годинава. По неколкунеделни тајни тренинзи и најави на социјалните мрежи, потврдено е – една од најголемите на сите времиња повторно е тука.
THE QUEEN RETURNS 👑
Serena Williams is BACK & set for doubles at the #HSBCChampionships!@WTA | @serenawilliams pic.twitter.com/lohvVo7cEy
— HSBC Championships (@QueensTennis) June 1, 2026

