Култниот стадион МЦГ во Мелбурн ќе биде домаќин на првиот официјален НФЛ натпревар во историјата на австралиско тло, каде што во рамките на второто коло од новата, 107-ма сезона, силите ќе ги одмерат екипите на Сан Франциско Фортинајнерс и Лос Анџелес Ремс. Невиден интерес го одбележа овој историски спортски настан, па сите 100.000 влезници беа распродадени за само 30 минути по пуштањето во онлајн продажба.
Иако натпреварот ќе се одигра во невообичаен утрински термин од 10:35 часот по локално време (2:35 часот по средноевропско време) и тоа на работен ден, трибините ќе бидат исполнети до последното место, а се проценува дека околу половина од публиката доаѓа од други австралиски градови и од САД.
Покрај самиот дуел, големо внимание привлекуваат и двете сосема различни стратегии за совладување на летот од 13.000 километри и временската разлика од 17 часа. Екипата на Сан Франциско, предводена од тренерот Кајл Шанахан, пристигна во Мелбурн уште пред една недела со цел играчите комплетно да се прилагодат на локалните услови.
„Тоа што дојдовме порано ни ја дава најдобрата шанса да ги опоравиме телата, да го победиме џет-легот и да приредиме вистинско шоу за сјајните навивачи во Австралија“, изјави ѕвездата на Фортинајнерс, Џорџ Китл.
Од друга страна, предводникот на Ремс, Шон Меквеј, реши да ризикува и неговиот тим пристигнува во Австралија на само 24 часа пред почетокот на натпреварот, обидувајќи се да го задржи ритамот на спиење според американското време.
Овој натпревар е дел од четиригодишниот договор со сојузната држава Викторија, а воедно означува и почеток на историската светска турнеја на НФЛ лигата, која оваа сезона ќе го посети и Рио де Жанеиро, а потоа продолжува во Лондон, Париз, Мадрид, Минхен и Мексико Сити.
„Ширењето кон Мелбурн, прекрасен град со богата спортска историја, јасно ги покажува нашите амбиции да станеме глобален спорт“, порача комесарот на НФЛ, Роџер Гудел.

