Аргентина мораше сериозно да се помачи за да ја оправда фаворитската улога против Зеленортска Република, но по вистинска фудбалска драма и 120 минути игра славеше со 3-2 и обезбеди место во осминафиналето на Светското првенство, каде што ќе се соочи со Египет. Светските шампиони долго не успеваа да го пронајдат вистинскиот ритам, а отпорот на африканската селекција беше скршен во 29. минута. Лисандро Мартинез испрати прецизно долго додавање, а Лионел Меси со мајсторски прием и сигурна завршница донесе водство од 1-0.
По паузата, Зеленортска Република покажа дека не се предава. Тимот заигра многу поофанзивно, а наградата стигна во 59. минута кога фудбалерот на Лудогорец, Дерој Дуарте, одлично се снајде во шеснаесетникот и со прецизен удар го совлада Емилијано Мартинез за 1-1. Аргентина создаде неколку добри можности да го реши натпреварот во регуларниот дел, но голманот Возиња беше извонреден и со неколку спектакуларни интервенции го однесе мечот во продолженија.
Во 96. минута Лисандро Мартинез повторно беше во центарот на вниманието, овојпат како стрелец за ново водство на „гаучосите“. Сепак, гостите уште еднаш возврати преку Сидни Лопес Кабрал, кој со фантастичен погодок повторно ја врати неизвесноста. Решавачкиот момент пристигна во 111. минута. По корнерот на Меси, Кристијан Ромеро упати удар со глава, а топката заврши во мрежата по контакт со Динеј, кому подоцна му беше запишан автогол. До крајот, гостите се обидоа да изборат уште едно израмнување, но Аргентина успеа да ја сочува минималната предност и да обезбеди пласман во следната фаза.

