Разочарувачката сезона без освоен трофеј ги запали алармите во Мадрид, а претседателот Флорентино Перез веќе размислува за ангажман на добро познато лице, Жозе Мурињо. Како што пренесуваат шпанските медиуми, позицијата на актуелниот стратег Алваро Арбелоа е сериозно разнишана, па раководството на „кралевите“ гледа во португалскиот стручњак идеално решение за стабилизација на тимот и враќање на победничките патеки.
Мурињо моментално е на клупата на Бенфика, но неговата желба за враќање на „Сантијаго Бернабеу“ никогаш не била тајна, а ситуацијата ја дополнува и ставот на Руи Кошта кој сè уште не брза со продолжување на неговиот договор. Португалецот веќе го водеше шпанскиот гигант во периодот од 2010 до 2013 година, оставајќи силен печат со освоената титула во Ла Лига против доминантната Барселона на Гвардиола. Евентуалното враќање на еден од најконтроверзните, но и најуспешните тренери во историјата на клубот, би значело почеток на нова ера во која Мадрид повторно ќе цели кон апсолутна доминација во Европа.

