Астон Мартин и Хонда се наоѓаат во центарот на сериозни кадровски промени во нивниот заднички фабрички проект во Формула 1. Поради сериозните проблеми со погонската единица во текот на актуелната сезона, јапонскиот производител донесе одлука за смена на раководниот кадар на својата Ф1 програма, во обид да внесе нова енергија и да го спаси амбициозниот проект на тимот од Силверстон.
Хонда соопшти дека од 1 октомври 2026 година, Јоичиро Фукао ќе го наследи Тетсуши Какуда на чело на развојот на погонските единици. Иако Јапонците ја опишуваат оваа ротација како „планирана транзиција“ со цел да се забрза развојниот процес и да се пренесе знаењето на помладите инженери, јасно е дека потегот доаѓа како директна реакција на слабите резултати на патеката. Фукао добро го познава системот, во Хонда е уште од 2002 година, работел на проекти во Ф1 и Мото ГП, а досега раководеше со софтверскиот сектор и беше заменик-лидер на Ф1 проектот.
За Астон Мартин, оваа одлука доаѓа во извонредно чувствителен период. Фабричкото партнерство со Хонда требаше да биде темел на долгорочната шампионска визија, но почетокот од сезоната донесе вистинско разочарување. Британо-јапонската комбинација мачи мака со перформансите и доверливоста на моторот, па по 14 одржани трки, Астон Мартин има освоено скромни три бода, а сите се заслуга на Фернандо Алонсо.
Ситуацијата дополнително ескалираше по трката во Монца, каде што долгите правци целосно ги оголија слабостите на агрегатот, Алонсо и Ленс Строл забележаа меѓу најниските максимални брзини за време на сите сесии. Ниту новата спецификација на моторот, воведена на трката во Холандија, не донесе забележителен напредок на патеката.
Британскиот тим зад себе го има еден од најмоќните технички тимови во светот на мото-спортот, предводен од легендарниот конструктор Адријан Њуи. Идејата на Астон Мартин беше со спој на идеален дизајн на шасијата од Њуи и моќен фабрички мотор од Хонда да се нападне самиот врв. Првата година од соработката засега не ги донесе посакуваните резултати, па во Силверстон се надеваат дека назначувањето на Фукао ќе донесе постабилна развојна структура и конечно ќе овозможи резултатски пресврт.

