Фудбалскиот гигант од минатото, Бордо, продолжува да минува низ еден од најтешките периоди во својата историја, а клубот сега доби и нов сопственик. Некогашниот француски шампион е продаден за симболичната сума од само едно евро, но зад оваа бројка се крие сериозен финансиски товар.
Американскиот инвестициски фонд „Парк Бенч“ го презеде мнозинскиот пакет акции од Жерар Лопес, кој го напушта клубот по пет години на чело. Новите сопственици, сепак, не добиваат само клуб со богата историја, туку и значителни обврски. Според информациите на „Ројтерс“, продажбата е реализирана за едно евро токму поради долговите кои ги презема „Парк Бенч“. Француските медиуми проценуваат дека обврските на Бордо се близу до 18 милиони евра.
„Парк Бенч“ е американска компанија специјализирана за даночни наплати и аналитика, а нејзини сопственици се Еван Софер и Џејмс Борд. Фондот веќе има сопственички удели во шпанска Кордоба и шкотски Данфермлајн Атлетик. Бордо, шампион на Франција во 2009 година, во изминатиот период беше ставен под административна управа во два наврати, што доведе до службени испаѓања и драматичен пад низ францускиот фудбалски систем.
Минатата сезона клубот настапуваше во четвртата дивизија, додека сега се соочува со можност да продолжи да се натпреварува дури во шестото ниво на францускиот фудбал.

