Меѓународен фудбал Фудбал

„Спарси“ понудија 90 милиони евра за Тонали, Њукасл бара повеќе!

Тотенхем има исклучително амбициозни планови за претстојниот преоден рок, а менаџерот Роберто Де Зерби е решен комплетно да го промени ликот на тимот. По разочарувачката сезона, лондонскиот клуб веќе промовираше три нови засилувања, но најголемата трансфер бомба допрва се подготвува. Клучна желба на италијанскиот стратег е неговиот сонародник Сандро Тонали, кој е проценет како идеален мотор за средниот ред на тимот.

„Спарси“ веќе ја испратија првата официјална понуда до Њукасл вредна малку над 90.000.000 евра (80 милиони фунти), што воедно претставува и највисока понуда во историјата на клубот. Досегашниот рекорден трансфер на Тотенхем е оној на Чави Симонс, кој минатото лето пристигна за 65 милиони евра. Сепак, Њукасл експресно ја одби оваа прва сума. Иако челниците на „страчките“ се отворени за преговори, тие нема да го пуштат Тонали за сума помала од 115.000.000 евра, пишува Атлетик.

Покрај високата отштета, Тотенхем ќе има и сериозна конкуренција во трката за потписот на италијанскиот репрезентативец. За неговите услуги веќе се распрашуваат Манчестер Сити и Арсенал. Адутите на Тотенхем во овие преговори ќе бидат високата плата, примамливиот живот во Лондон, но пред сè можноста Тонали да соработува со својот сонародник Де Зерби.

Реконструкцијата во средниот ред на Тотенхем е неопходна бидејќи Ив Бисума си заминува како слободен играч, а клубот најверојатно нема да го откупи Жоао Палиња од Баерн Минхен. Тонали пристигна во Њукасл во летото 2023 година за нешто повеќе од 60 милиони евра, а во изминатите три сезони забележа 110 настапи со ефект од по 10 погодоци и асистенции. Покрај него, Тотенхем работи и на ангажманот на Матеус Фернандес.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.