Јувентус ја отвори сезоната со победа, но настапот во Фрозиноне не му донесе целосно задоволство на Лучано Спалети. Тренерот на „бјанконерите“ беше задоволен од начинот на кој тимот создаваше шанси, но не и од реализацијата и падовите во играта. Посебно критичен беше кон Рандал Коло Муани, од кого очекува многу повеќе.
Спалети призна дека Јувентус во одредени моменти делува несериозно и не покажува доволно решителност, нешто на што тимот ќе мора да работи во продолжението од сезоната.
„Тимот го покажа својот карактер, но во некои моменти сме несериозни и не ја покажуваме потребната решителност. Тоа може да се случи на почетокот на сезоната, но ќе работиме на тоа“, изјави Спалети.
Најдиректна беше неговата порака до Коло Муани. Италијанскиот стратег смета дека Французинот мора подобро да ја искористи својата физичка и техничка моќ, особено во натпревари во кои има доволно простор за реализација.
„Знаеме колку вреди, но тој мора да сфати дека не играл две години и сигурно постои причина за тоа. Знае да ја задржи топката, да влегува во простор и физички е силен, но ова се натпревари во кои треба да постигнува голови“, порача тренерот на Јувентус.
Спалети смета дека Јувентус мора подобро да ги контролира завршниците на натпреварите, наместо самиот да си создава проблеми. Според него, полесно е да се постигне гол и да се реши мечот отколку да се дозволи противникот да добие шанса да се врати. Италијанскиот тренер потврди и дека голманот Викарио бил заменет поради силни грчеви и болка во мускулот, но ситуацијата не изгледала сериозно.

