Џед Јорк, еден од сопствениците на Лидс и Сан Франциско 49ерс, бил уапсен во американската сојузна држава Охајо поради случај поврзан со плаќање сексуални услуги. Според судските документи, Јорк преку интернет-страница се договорил со жена да плати 140 долари за сексуална услуга, по што пристигнал на локација со мобилни куќи каде што бил приведен.
Првичната пријава за проституција подоцна била заменета со поблага пријава за нарушување на јавниот ред и мир. Дополнително, против него била поднесена пријава за недозволено поседување оружје. За двете точки Јорк добил по еден ден затвор, кои ги издржал истовремено. По плаќањето кауција од 5.000 долари бил ослободен, а му биле изречени и парични казни од 150, односно 1.000 долари.
Јорк е мнозински сопственик на НФЛ тимот Сан Франциско 49ерс, а поседува удел и во англискиот Лидс и шкотскиот Ренџерс.

