Евертон би можел повторно да добие нов сопственик, откако групацијата „Фридкин“ ја отвори можноста за продажба на англискиот клуб, објави „The Athletic“. Помалку од две години по преземањето на тимот од Ливерпул, групацијата предводена од милијардерот Ден Фридкин е подготвена да разгледа понуди од заинтересирани инвеститори. Сепак, сопствениците немаат намера да брзаат со одлуката и се подготвени да го задржат клубот сè додека не пронајдат соодветен купувач.
Од „Фридкин груп“ веруваат дека Евертон има потенцијал за понатамошен развој и дека може да направи исчекор на спортски и финансиски план. Групацијата официјално го финализираше преземањето на клубот во декември 2024 година, ставајќи крај на периодот под водство на Фархад Мошири, кој беше обележан со финансиски проблеми и турбуленции. Покрај Евертон, „Фридкин груп“ е сопственик и на италијанската Рома и францускиот Кан. Засега нема потврда за конкретен договор за продажба, но можноста за нова промена на сопственоста отвора важно прашање за иднината на премиерлигашот.

