Вечерва Белградска арена беше центар на една од најемотивните утакмици во клубската историја на Партизан. Вечерва црно-белите се простија и се поклонија на легендарниот Душко Вујошевиќ. Генералот, како што го нарекуваа навивачите, е најтрофејниот тренер во историјата на Партизан.
Пред почетокот на натпреварот, на екранот во преполната Арена беше пуштено емотивно видео посветено на тренерот кој даде толку многу за клубот. Душко Вујошевиќ пројде 16 години од својата кариера водејќи го Партизан. Беше тренер кој создаваше играчи кои се вивнаа во врвот на европската и светска кошарка. Меѓу нив и Владе Дивац, Жарко Паспаљ, Александар Ѓорѓевиќ, Предраг Даниловиќ, Никола Пековиќ, Богдан Богдановиќ, Јан Весели, Новица Величковиќ, Никола Милутинов, Владимир Лучиќ и многу други. Тој го откри и нашиот Бо Мекејлеб, кој во Партизан ги имаше најголемите успеси.
Освои 23 трофеи со црно-белите, а во два наврати го однесе Партизан и на Фајнл-фор турнирот во Евролигата, 1988 година во Гент и 2010 година во Париз, кога со еден од најмалите буџети во Евролигата, Партизан стигна до 4-то место.
Душко Вујошевиќ почина на 8 април во Белград на 68-годишна возраст.
Партизан загуби од Жалгирис во 37-то коло од Евролигата (74:83). Црно-белите се на 16 позиција и немаат шанси за пласман во следната фаза.

