Меѓународен фудбал Светски првенства Фудбал

Солбакен: Ова е историски трилер, мора да бидеме проклето горди!

Репрезентацијата на Норвешка продолжува да пишува златни страници во својата фудбалска историја. По спектакуларната елиминација на моќниот Бразил со 2:1, Скандинавците за првпат во своето четврто учество на Светските првенства успеаја да обезбедат пласман во големото четвртфинале.

Главни протагонисти на овој незапаметен успех беа неверојатниот Ерлинг Халанд и голманот Орјан Ниланд. Напаѓачот на Манчестер Сити со двата гола против „кариоките“ стигна до бројката од 62 погодоци на само 54 настапи за националниот тим, а воедно веќе има седум гола на овој Мундијал. Сепак, клучниот потег го повлече селекторот Столе Солбакен, кој на полувремето направи две измени, а внесувањето во игра на младиот Шјелдеруп се покажа како чист погодок, со оглед на тоа што тој се појави во улога на двоен асистент при головите за победа.

Предводникот на норвешката клупа буквално сјаеше од среќа по завршувањето на мечот и порача дека ова е ноќ во која секој норвешки државјанин има право максимално да ужива. Тој призна дека натпреварот бил вистински трилер кој лесно можел да замине и во спротивен правец, но неговите фудбалери одиграле исклучително солиден и тактички зрел натпревар. И покрај неколкуте грешки и загубени топки кои во одредени моменти можеле скапо да ги чинат, Солбакен потенцираше дека сè на крајот излегло во нивна корист и дека тимот мора да биде проклето горд на направеното.

Препознатливото „викиншко веслање“ сега за првпат се сели во четвртфиналната фаза на еден Мундијал, каде Норвешка за противник ќе го има подобриот од дуелот меѓу селекциите на Мексико и Англија.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.