Македонски фудбал Меѓународен фудбал Репрезентација на Македонија Фудбал

Со самодоверба на мегдан со Шкотска, Чурлинов верува во квалитетот на Македонија

Фудбалската репрезентација на Македонија ги одработува последните подготовки за завршните два натпревари од групната фаза во Лигата на нациите. Избраниците на селекторот Гоце Седлоски денеска го одржаа тренингот пред гостувањето во Глазгов против Шкотска, а потоа и домашниот дуел со Словенија, на кој ќе биде ставена точка на групната фаза.

Меѓу репрезентативците е и Дарко Чурлинов, кој повторно се најде на списокот на националниот тим. Крилниот фудбалер со нетрпение го очекува новиот предизвик во македонскиот дрес, нагласувајќи дека секој настап за репрезентацијата претставува посебна чест и обврска.

„Секогаш ми било чест да играм за овој дрес и секогаш ќе давам максимум. Се надеваме на најдоброто. Нормално дека ќе анализираме и ќе се обидеме сето она што тренерот ќе ни го каже да го пренесеме на теренот“, изјави Чурлинов.

Тој смета дека фактот што поголемиот дел од репрезентативците имаат добра натпреварувачка минутажа во своите клубови може позитивно да се одрази врз настапите на националниот тим.

„Минутажата во клубот е многу битна и таа енергија се пренесува и овде. Добро е што сите играме во своите клубови, што имаме минутажа, и верувам дека тоа ќе има позитивно влијание на овие два натпревари“, истакна македонскиот репрезентативец.

Во пресрет на дуелот со Шкотска, Чурлинов потенцираше дека Македонија располага со квалитетни фудбалери и дека имињата на противничките ѕвезди не треба да претставуваат пречка за остварување позитивен резултат.

„Шкотска ги има Мектоминеј, Гилмор, Робертсон, ние ги имаме Елиф Елмас, Барди и Столе Димитриевски. Денеска нема репрезентација што не може да се победи, така што тоа треба да го покажеме на теренот“, порача Чурлинов.

Македонија во петок ќе ги одмери силите со Шкотска во Глазгов, додека три дена подоцна ќе ја пречека Словенија на домашен терен во последниот натпревар од групната фаза во Лигата на нациите.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.