Легендарниот холандски фудбалер Весли Снајдер не ги штедеше зборовите по реванш дуелот во кој Арсенал славеше над Атлетико Мадрид со 1:0 и обезбеди пласман во финалето на Лигата на шампионите. Иако Букајо Сака донесе огромна радост за лондонскиот клуб, Снајдер беше разочаран од квалитетот на фудбалот на „Емирати“, нарекувајќи го мечот премногу тактички и досаден за едно полуфинале.
„По првите 35 минути сакав да се јавам во УЕФА и да им кажам да го прекинат натпреварот, да ги натераат играчите да излезат од теренот и да донесат извршна одлука според која утрешниот дуел меѓу ПСЖ и Баерн би бил финале на Лигата на шампионите“, изјави Снајдер
Холанѓанецот, кој е познат по своите искрени анализи, предизвика бура на социјалните мрежи со својот коментар, алудирајќи на далеку поголемата ефикасност и атрактивност на другата полуфинална двојка. Арсенал ќе се бори за трофејот во Будимпешта, но Снајдер јасно стави до знаење дека патот до таму, барем според него, не понуди фудбалски спектакл.

