Меѓународен ракомет Ракомет Репрезентација на Македонија Светски првенства

Словаците се надеваат на чудо…

Македонската машка ракометна репрезентација се наоѓа на само еден чекор до обезбедување нов мундијалски билет, предноста од седум голови од првиот меч ја става нашата селекција во улога на апсолутен фаворит. Сепак, во таборот на Словачка не допатуваа со бело знаме и покрај тешката задача што ги очекува пред преполната скопска публика. Нашите ракометари ќе мора да останат максимално фокусирани за да ја запечатат визата за Светското првенство и да не дозволат никакво изненадување.

Избраниците на Кирил Лазаров завршија огромна работа на гостувањето во Прешов. Остварената залиха од „плус седум“ широко им ги отвора портите за пласман на уште еден голем шампионат, што би требало да донесе мирна и рутинска игра на денешниот реванш на домашен терен.

Гостинските ракометари веднаш по првиот свиреж спортски признаа дека Македонија во моментов е поквалитетен противник, во нивните изјави пред денешниот дуел сепак провејува доза умерен оптимизам и верба во спортски чуда.

„Сум видел секакви натпревари во овој спорт. Да ве потсетам дека во една ситуација во Лигата на шампионите, Веспрем водеше со девет голови разлика на десетина минути до крајот, па го загуби натпреварот. Нашиот стручен штаб ќе го анализира првиот натпревар и ќе одиме таму да се бориме жестоко, порача Јурај Бриатка, кој беше стрелец на четири погодоци на првата средба”

Неговиот колега од репрезентацијата, Јакуб Прокоп, смета дека клучот е во растеретеноста и дека Словачка нема што да изгуби во Скопје.

„Ќе се обидеме да го одиграме најдобриот натпревар во кариерата и да се надеваме дека тие ќе имаат многу лош ден. Вреди да се обидеме, немаме што да загубиме, а таму ќе бидеме и поопуштени, нешто што ни недостасуваше на првата средба. Дури и минимална победа би влијаела позитивно за нашата иднина” истакна Прокоп

Натпреварот денеска започнува во 19:00 часот, а ќе се одигра во СЦ Борис Трајковски”

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.