Меѓународен фудбал Фудбал

Славен Билиќ: Да гинеме еден за друг против Англија

Во сенка на празните трибини на стадионот „Рујевица“ во Ријека, репрезентациите на Хрватска и Англија денес од 18:00 часот ги вкрстуваат копјата во дербито од Лигата на нации. По тешкиот пораз од распуканата Шпанија, повратникот на клупата на „коцкестите“, Славен Билиќ, бара експресна реакција и карактер од својата екипа против селекцијата која во претходното коло рутински ја совлада Чешка со 2-0.

Хрватска го пречекува стариот ривал без поддршка од публиката поради казната од УЕФА за расистички испади од минатогодишното четвртфинале против Франција, а Билиќ за овој дуел мораше да се откаже од Марин Понграчиќ, Ловро Мајер, Анте Будимир и Дион Дрена Белјо. Сепак, искусниот стратег се потпира на проверените сили предводeни од Модриќ, Ковачиќ и Перишиќ, потпомогнати од младите таленти Батурина, Сучиќ и напаѓачот Матановиќ.

Билиќ испрати соодветна мотивациска порака до своите фудбалери пред судирот со „Гордиот Албион“:

„За да победиш гигант како Англија, мораш да одиграш комплетен меч во секој сегмент. Има работи во кои тие се супериорни, но има и сегменти каде ние ја имаме предноста. Мораме да бидеме храбри, да гинеме еден за друг на теренот, а кога ја имаме топката во посед, да се наметнеме, да ја рашириме нивната одбрана и да бидеме опасни.“

Предводникот на Хрватите посебно го истакна значењето на незаменливиот Лука Модриќ, кој на 41 година и понатаму ја прави разликата на теренот како првотимец на Милан:

„Лука е единствен и кај него годините се навистина само бројка. Тој е многу повеќе од играч и капитен, тој е икона. Неговата важност се гледа насекаде. Тој прави разлика во Серија А, правеше разлика и во Чешка. Неговата страст е неверојатна, гледав ситуација каде тој изведува корнер, а потоа спринта назад до сопствениот шеснаесетник за да спречи контранапад. Не знам друг играч кој толку долго трае на тоа ниво.“

Англија славеше на последните три меѓусебни пресметки против Хрватите, а интересно е што овие две селекции и пред осум години одиграа меч пред празни трибини на „Рујевица“ кој заврши 0-0. Доколку Хрватска сака да го фати чекорот за пласман во четвртфиналето од Лигата на нации, вечерва ќе мора да ја пронајде шампионската искра и да ја прекине негативната низа против Англичаните.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.