Вест Хем експресно пронајде замена за Нуно Еспирито Санто, кој доби отказ по двата последователни порази. Само 24 часа откако останаа без менаџер, „чеканите“ му ја доверија клупата на својот поранешен капитен и познат специјалист за изборување пласман во елитата, Скот Паркер.
Паркер, кој ги бранеше боите на Вест Хем од 2007 до 2011 година и забележа 113 настапи носејќи ја капитенската лента, потпиша договор на две и пол години со лондoнскиот клуб.
„Исклучително сум горд што ја преземам оваа функција и што се враќам во клубот кој значи толку многу за мене и за моето семејство. Ме врзуваат прекрасни спомени за овој период, четири години во кои веројатно го играв најдобриот фудбал во мојата кариера. Односот и почитта што ги изградив со навивачите уште од самиот почеток беа нешто сосем посебно“, изјави Паркер при промоцијата.
Англискиот стратег со право го носи епитетот „министер за промоции“ во англискиот фудбал, со оглед на тоа што претходно успеа да обезбеди пласман во Премиер лигата со дури три различни екипи, Фулам (преку плејофот во 2020 година), Борнмут (2022) и Барнли (2025). Тој беше без ангажман од април по разделбата со Барнли, а во својата кариера во Чампионшип има зад себе впечатлив биланс од 76 победи, 41 реми и 21 пораз на 138 натпревари.
Паркер ја презема екипата на осмата позиција на табелата со 22 освоени бода. Сепак, Вест Хем заостанува само четири бода зад второпласираните Бирмингем и Стоук, а притоа има и натпревар помалку во однос на ривалите, што остава отворен пат во мисијата за брзо враќање во елитата.

