Македонски фудбал Фудбал

Скопје влегува во длабока криза, пораз и од Шкендија Арачиново! (ВИДЕО)

Шкендија Арачиново стигна до важни три бода во дуелот со Скопје, откако со минимални 1-0 го реши натпреварот во самиот финиш. Двете екипи долго време не успеваа да ја затресат мрежата, а најзаслужен за тоа беше голманот на гостите, Кристијан Наумовски, кој имаше неколку извонредни интервенции. Сепак, отпорот на Скопје попушти во 87. минута, кога Дашмир Елези ја искористи шансата и донесе победа за домаќините. Со овој триумф, Шкендија Арачиново се искачи на третото место на табелата.

Уште во втората минута Миле Тодоров имаше одлична можност за водство, но Наумовски го одбрани неговиот удар. Скопје возврати преку Ангелов, чиј удар го запре Столески, а до паузата голманот на гостите повторно беше во центарот на вниманието со одлична одбрана по ударот на Нухија. Тодоров подоцна постигна гол, но тој беше поништен поради офсајд.

Во второто полувреме Шкендија Арачиново презеде целосна иницијатива и создаде неколку добри прилики. Наумовски повторно блесна при ударот на Селмани, додека Скопје преку Брдаровски и Беровиќ се обиде да стигне до гол.

Кога се чинеше дека натпреварот ќе заврши без голови, Елези во финишот ја испрати топката во празната мрежа за 1-0. Скопје немаше време за одговор и остана со три бода на претпоследната позиција, додека Шкендија Арачиново сега има 13 бода и се наоѓа на третото место.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.