Главниот град на Македонија есенва ќе биде домаќин на еден од најголемите и најзначајните спортски настани во регионот за оваа година. Спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје, во периодот од 6 до 15 ноември, ќе го пречека ВАКО Европското првенство во кикбокс.
Доверувањето на организацијата на овој голем шампионат претставува сериозно меѓународно признание за досегашните резултати на Кикбокс Маитаи федерацијата на Македонија. Апликацијата за домаќинство беше поднесена уште во 2021 година, но по одложувањата предизвикани од пандемијата, организацијата беше официјално потврдена за 2026 година. Во нашата престолнина се очекува пристигнување на околу 1.400 гости, вклучувајќи натпреварувачи, тренери, судии и спортски функционери од речиси 40 европски земји.
Покрај големото спортско значење, десетте натпреварувачки денови ќе донесат и позитивни економски ефекти за градот преку зголемен туристички и угостителски промет, како и дополнителна меѓународна промоција на државата. Шампионатот има и силен инклузивен карактер бидејќи во неговите рамки заедно ќе настапат сениори, ветерани и паракикбоксери, со што се испраќа моќна порака за еднакви можности во спортот. Ова ќе биде и ретка можност за најдобрите македонски репрезентативци да ги одмерат силите со континенталниот крем пред домашната публика на трибините.


