Боречки спортови Други спортови

Скопје домаќин на боксерски спектакл, 17 земји на јубилејниот „Златен гонг“

Скопје во периодот од 13 до 15 ноември ќе биде центар на меѓународниот бокс, каде што ќе се одржи јубилејното 55. издание на традиционалниот турнир „Златен гонг“. За годинашното издание е пријавен голем интерес, со повеќе од 70 боксери од 17 земји кои ќе се борат за одличја во спортската сала „Расадник“.

Покрај македонските претставници, на турнирот ќе настапат и боксери од Албанија, Австрија, Белгија, Белорусија, Бугарија, Косово, Литванија, Молдавија, Словенија, Србија, Турција, Украина, Унгарија, Хрватска и Шпанија. Македонија ќе има тројца свои боксери, кои ќе се обидат да го искористат домашниот ринг и поддршката од публиката за да стигнат до најдобрите резултати.

Турнирската програма започнува во петок, на 13 ноември, од 14 часот, кога се закажани четвртфиналните пресметки. Вистинската кулминација се очекува во недела, на 15 ноември, кога ќе се одржат финалните борби со почеток од 17 часот, по кои ќе бидат познати освојувачите на медалите во сите категории.

Од Македонската боксерска федерација упатија покана до љубителите на боксот и спортот воопшто да бидат дел од јубилејното издание, да им дадат поддршка на домашните репрезентативци и да проследат три дена исполнети со квалитетни меѓународни боксерски дуели.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.