Натпреварот меѓу боливиски Боливар и Сао Пауло во осминафиналето на Копа Судамерикана заврши 1:1, но резултатот остана во сенка на сериозниот инцидент кој се случи пред дуелот. Боливиската полиција запрела возило во близина на Кочабамба, по што рутинската контрола прераснала во голема полициска акција. Во четири торби биле откриени дури 86,5 килограми марихуана, а приведени биле и тројца возачи.
Она што е најважно за Сао Пауло е дека фудбалерите на бразилскиот клуб во тој момент не се наоѓале во автобусот. Возилото било ангажирано за потребите на експедицијата, а по приведувањето на возачите бил обезбеден и друг автобус за тимот. Компанијата „Buses Cosmos“, која била задолжена за транспортот, започнала соработка со надлежните органи во истрагата за потеклото и крајната дестинација на запленетата дрога. Од компанијата посочиле дека одговорноста е на нивни вработени и дека Сао Пауло нема никаква поврзаност со случајот.
Бразилскиот тим претходно се подготвувал во Санта Круз де ла Сиера, пред да отпатува за Ла Паз, каде што се одигра натпреварот. Истрагата треба да покаже како огромната количина марихуана завршила во автобус ангажиран за потребите на фудбалскиот клуб. Засега нема информации кои би го поврзале Сао Пауло со заплената.

