Лионел Меси ја затвори репрезентативната приказна, но зад себе остави празнина за која и неговиот селектор тешко наоѓа вистински зборови. Лионел Скалони по победата над Бенин не штедеше комплименти за капитенот на Аргентина, нагласувајќи дека фудбалер со неговата аура едноставно не се појавува често.
„Тој е неповторлив фудбалер и не верувам дека некогаш повторно ќе има некој како него на теренот. Никогаш во животот не сум видел нешто слично кај друг играч“, изјави Скалони по триумфот од 3:0.
Аргентинскиот селектор посебно ја истакна енергијата која Меси ја носи со себе и која, според него, не може да се замени ниту со тактика, ниту со индивидуален квалитет на некој друг фудбалер.
„Аурата која ја има тој, не сум ја видел кај никој друг. Без него ќе мораме да најдеме други средства и други решенија, но тоа чувство повеќе нема да биде исто“, додаде Скалони.
Меси својата последна репрезентативна вечер ја одигра пред повеќе од 80.000 навивачи на „Ел Монументал“. И на самиот крај од приказната покажа зошто со години беше централна фигура на аргентинскиот фудбал, постигна гол и асистираше за останатите два погодока во победата над Бенин.
Во националниот дрес Меси заврши со 126 гола и 66 асистенции во 207 настапи, почнувајќи од дебито против Унгарија во август 2005 година. Во меѓувреме, од талентираниот млад фудбалер кој беше споредуван со Диего Марадона, прерасна во лидер кој ја предводеше Аргентина до најголемиот успех во последните децении. Долго време токму светската титула беше трофејот кој му недостасуваше на Меси. По неколку неуспешни обиди на Мундијалите, тој конечно стигна до врвот во Катар во 2022 година и го заокружи својот статус на аргентинска фудбалска икона.
Сега Аргентина ќе мора да продолжи без својот капитен и најголемата ѕвезда. Скалони е свесен дека новата генерација ќе може да донесе квалитет и нови решенија, но едно нешто нема да може да биде пресоздадено – присуството и аурата на Лионел Меси.

