Меѓународен фудбал Фудбал

Скалони го објави списокот на Аргентина

Светот со нетрпение чекаше да види со какви карти ќе игра актуелниот светски шампион во одбрана на тронот во 2026 година. Лионел Скалони ги отвори картите и веднаш предизвикува бура од реакции во фудбалската јавност. Стратегот на „Гаучосите“ очигледно не се плаши да прави радикални резови, ставајќи го фокусот на свежа крв и нова тактичка дисциплина.

Аргентинската фудбалска федерација го објави проширениот список од 55 имиња, каде на врвот, на радост на нацијата, стои името на неприкосновениот Лионел Меси. Но, додека капитенот е подготвен за уште еден последен танц, Скалони реши да „прецрта“ некои од старите познаници.

Најголемото изненадување, кое граничи со шок, е отсуството на Пауло Дибала. Иако е миленик на навивачите и има зад себе 40 натпревари во националниот дрес, членот на Рома не успеа да избори место ниту меѓу 55-те избрани. Друштво во оваа непријатна ситуација му прави и Анхел Кореа, долгогодишниот џокер на Аргентина, кој исто така остана без повик.

Наместо нив, Скалони јасно ја покажува својата намера за подмладување. Шанса да се докажат добија новите ѕвезди во подем, како Франко Пелегрино од Парма и неговиот соиграч од Рома, Матијас Суле. Дека „реновирањето“ е во полн ек докажува и вклучувањето на супер-талентите како Мастантуоно и Ечевери, кои треба да ја претставуваат иднината на аргентинскиот фудбал.

Одбраната и средниот ред остануваат во сигурни раце со Лисандро Мартинес и Енцо Фернандес, додека изненадувачки кам-бек направи Алехандро Гарначо, кој долго време беше надвор од комбинација. Во игра се враќаат и Буендија и Домингез, но патот до конечните 26 патници кои ќе бидат објавени кон крајот на мај, ќе биде пеколно тежок.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.

Поврзани вести