Манчестер Сити успеа да избегне кикс на домашен терен и со драматичен пресврт во самиот финиш славеше над Борнмут со 2-1 во првото коло од Премиер лигата. Иако Ерлинг Холанд со својот нов изглед за првпат од доаѓањето во клубот остана без гол на отворањето на сезоната, херој за екипата на Енцо Мареска беше Рајан Шерки.
Борнмут, предводен од новиот стратег Марко Розе, поведе во 26-тата минута преку Маркус Таверние по лоша реакција во дефанзивата на Сити. Домаќините почнаа да создаваат серија прилики пред голот на Ѓорѓе Петровиќ, но израмнувањето пристигна дури во 84-тата минута кога Шерки асистираше до Марк Геи. Во 91-вата минута, повторно Шерки го пронајде Јошко Гвардиол, кој по ВАР-проверката за офсајд го постигна победоносниот гол за триумфален првенствен старт на новата ера во Сити.
Убедлив почеток на сезоната имаше екипата на Брајтон, која на свој терен целосно ја декласираше Астон Вила со 4-0. Сите четири погодоци беа постигнати уште во првото полувреме, мрежата ја тресеа Виктор Линделеф кој си постигна автогол во 8-мата минута, Максим де Кујпер во 18-тата, додека Џек Хиншелвуд со два брзи гола во 30-тата и 31-вата минута го реши победникот. Кошмарот за избраниците на Унаи Емери беше комплетиран во 40-тата минута кога нивното најголемо летно засилување Жоао Гомеш заработи црвен картон.

